© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (www.coe.int/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.

 

© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.

 

© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.

 

ПРВА СЕКЦИЈА

 

СЛУЧАЈОТ НА ЛИНД против РУСИЈА

 

(Жалба бр. 25664/05)

 

 

ПРЕСУДА

 

СТРАЗБУР

 

6 декември 2007 г.

 

 

КОНЕЧНА

 

02/06/2008

 

Оваа пресуда ќе стане правосилна во околностите утврдени во членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.


Во случајот на Линд против Русија,

Европскиот суд за човекови права (Првата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:

 Г-дин Х.Л. Розакис (C.L. Rozakis), претседател,
 Г-дин Л. Лукаидис (L. Loucaides),
 Г-ѓа  Н. Вајиќ (N. Vajić),
 Г-дин А. Ковлер (A. Kovler),
 Г-ѓа  Е. Штајнер (E. Steiner),
 Г-дин К. Хаџијев (K. Hajiyev),
 Г-дин Г. Малинверни (G. Malinverni), судии,
и  г-дин  С. Нилсен (S. Nielsen), секретар на Секцијата

Откако го разгледа случајот на затворена седница на 15 ноември 2007 год.,

Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:

ПОСТАПКА

1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 25664/05) против Руската Федерација поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на рускиот и холандски државјанин, г-динот Владимир Јаапович Линд (Владимир Линд, „жалителот“) на 14 јуни 2005 година.

2. Жалителот беше преставуван пред Судот од г-динот Д. Аграновскиј и г-ѓата Е. Липстер, адвокати со пракса во Москва. Руската Влада („Владата“) беше претставувана од г-динот Лаптев, претставник на Руската Федерација во Европскиот суд за човекови права.

3.  Жалителот се жалеше конкретно на наводно нечовечни услови и претерано времетраење на притворот, и на тоа дека не добил дозвола да го посети својот татко кој бил на смртна постела или да присуствува на церемонијата за опростување со него.

4. На 14 октомври 2005 г. Судот одлучи да ја извести Владата за жалбата. Во согласност со одредбите од членот 29 § 3 од Конвенцијата, тој одлучи да ја разгледа законитоста на жалбата истовремено со нејзината допуштеност.

5.  Холандската Влада откако беше информирана од секретарот за правото да интервенира (член 36 § 1 од Конвенцијата) не го искористила ова право.

6. Владата приговори на заедничкото разгледување на допуштеноста и основаноста на жалбата. Откако го разгледа приговорот на Владата, Судот го отфрли.

ФАКТИ

I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ

7.   Жалителот е роден во 1981 година и живее во Санкт Петербург.

А. Позадина на случајот

8. Жалителот е член на Националната болшевичка партија.

9. На 14 декември 2004 г. група од околу четириесет членови на Националната болшевичка партија ја зазеле чекалната во претседателската административна зграда во Москва и се заклучиле во канцеларија на приземјето.

10. Тие барале средба со Претседателот, заменикот шеф на администрацијата на Претседателот, г-динот Суков и советникот за економски прашања на Претседателот, г-динот Иларионов. Преку прозорците делеле летоци со отпечатено писмо до Претседателот во кое биле наброени десет наводи на непридржување на Уставот и содржело повик за негова оставка.

11. Натрапниците останале во канцеларијата час и половина кога полицијата провалила низ блокираната врата. Тие не дале никаков отпор на властите.

Б. Апсењето и гонењето на жалителот

12. На 16 декември 2004 г. Камовническиот окружен суд од Москва издал налог за притвор на жалителот по основ дека бил осомничен за особено сериозно кривично дело, дека немал постојано место на живеење во Москва и дека бил холандски државјанин. Тој сметал дека постоел ризик да го повтори делото, да избега, да ја попречува истрагата или да ги заплашува сведоците.

13. Жалителот се жалеше дека Окружниот суд не изнел никаков факт кој можел да ја оправда неопходноста за издавање налог за негов притвор. На 3 февруари 2005 г. Московскиот градски суд го потврдил налогот за притвор одлучувајќи дека истиот бил законски и оправдан.

14. На 21 декември 2004 г. жалителот бил обвинет за обид за насилно рушење на државната власт (членот 278 од Кривичниот законик) и намерно уништување и оштетување на туѓ имот на јавни места (членот 167 § 2 и 214).

15. На 8 февруари 2005 г. Замоскворетскиот окружен суд од Москва го продолжи притворот на жалителот до 14 април 2005 г. упатувајќи на тежината на обвинението. Жалителот немал постојано место на живеење во Москва и имало причини да се верува дека тој можел да избега или да ја попречи истрагата.

16. Адвокатот на жалителот се жалел. Тој побарал од судот да го ослободи жалителот земајќи во предвид дека тој не бил претходно осудуван, имал позитивни препораки и бил со слабо здравје. На 9 март 2005 г. Московскиот градски суд по жалбата го потврдил налогот за продолжување.

17.  На 16 февруари 2005 г. обвинението на жалителот било изменето со учество во масовни нереди, прекршок според членот 212 § 2 од Кривичниот законик.

18. На неутврден датум обвинителот побарал од судот да го продолжи притворот на жалителот до 14 август 2005 г. На 14 април 2005 г. Замоскворетскиот окружен суд од Москва го продолжи притворот на жалителот до 14 јули 2005 г. упатувајќи на следниве причини:.

„Нема причини да се менува превентивната мерка. Земајќи ја во предвид тежината на обвиненијата и личната ситуација на [жалителот] судот смета дека има доволно индикации дека [жалителот] штом ќе биде ослободен би можел да избега.

Во исто време имајќи на ум дека странките во кривичната постапка веќе започнале со проучување на досието на случајот, бараното продолжување од обвинителството се чини дека е претерано и мора да се ограничи на три месеци. Овој период ќе биде доволен за сите странки во постапката да го проучат ефективно целото досие на случајот.“

19. На 14 април 2005 г. адвокатот на жалителот поднел жалба. Тој побарал судот да примени помеки превентивни мерки, земајќи во предвид дека жалителот не бил порано осудуван, имал постојано место на живеење во Русија, студирал и страдал од бубрежно заболување. Тој исто така поднел дека на жалителот не му требало толку време за да го проучи досието на случајот. На расправата по жалбата пред Московскиот градски суд жалителот потврдил дека завршил со проучување на досието на случајот.

20.  На 11 мај 2005 г. Московскиот градски суд ја потврдил одлуката од 14 април 2005 г. одлучувајќи дека истиот бил законски, доволно образложен и оправдан.

21.  На 7 јуни 2005 г. истрагата била завршена и триесет и девет лица, вклучувајќи го и жалителот требале да бидат изнесени пред суд.

22.  На 20 јуни 2005 г. Тверскојскиот окружен суд од Москва закажал прелиминарна расправа за 30 јуни 2005 г. и одлучил дека сите обвинети треба да останат во притвор.

23. На 30 јуни 2005 г. Тверскојскиот окружен суд одржал прелиминарна расправа. Тој ги одбил барањата на обвинетите за нивно ослободување, наведувајќи ја тежината на обвиненијата против нив и ризикот од нивно бегство или попречување на правдата.

24. Адвокатот на жалителот се жалел. Тој ги повторил аргументите посочени во основот на жалбата од 14 април 2005 г. и додал дека таткото на жалителот, г-динот Јаап Јан Линд, холандски државјанин и поранешен гувернер на Нова Гвинеја, умирал од рак во Холандија. На 17 август 2005 г. Московскиот градски суд ја потврдил одлуката од 30 јуни 2005 г. по жалбата одлучувајќи дека била законска, добро-образложена и оправдана.

25.  Судењето започнало на 8 јули 2005 г.

26. На 14 јули 2005 г. жалителот поднел барање за ослободување повикувајќи се на неговото слабо здравје и потребата од медицински преглед. На 27 јули 2005 г. Тверскојскиот окружен суд го одбил барањето. Тој одлучил дека притворот на жалителот бил законски и оправдан. Жалителот не поднел лекарско уверение кое би прикажало дека неговата здравствена состојба била некомпатибилна со притворот. На 5 октомври 2005 г. Московскиот градски суд ја потврдил одлуката по жалбата.

27. На 10 август 2005 г. адвокатот на жалителот поднел дополнително барање за ослободување. Тој поднел лекарски уверенија, потврдувајќи ги болестите и на жалителот и неговиот татко. Активист за човекови права, г-динот Пономарев, понудил сопствена лична гаранција дека жалителот немало да избега. Холандската амбасада побарала од судот да го ослободи жалителот имајќи ја на ум нестабилната состојба на неговото здравје и смртоносната болест на неговиот татко. Други обвинети исто така поднеле барања за ослободување.

28. На 10 август 2005 г. Тверскојскиот окружен суд ги одбил барањата. Тој одлучил:

 „Судот го зема во предвид тврдењето на обвинетиот дека е неопходен поединечен пристап кон ситуацијата на секој обвинет кога се одлучува за превентивна мерка.

Разгледувајќи ја основата по која ... судот издал налог за притвор и го продолжил истиот во однос на сите обвинети без исклучок ... судот забележува дека овие основи сè уште важат до денешен ден. Затоа, земајќи ја во предвид здравствената состојба, семејната ситуација, возраста, професијата и карактерот на сите обвинети, и личните гаранции понудени од одредени приватни лица, вклучени во досието на случајот, судот смета дека доколку се ослободат секој од жалителите може да избега или да ја попречи правдата на некој друг начин.“

29. Жалителот се жалел дека Окружниот суд не ги зел во предвид медицинските докази кои ја потврдувале лошата состојба на жалителот и на неговиот татко. На 2 ноември 2005 г. Московскиот градски суд ја потврдил одлуката од 10 август 2005 г во однос на жалбата, одлучувајќи дека жалителот не поднел лекарски уверенија кои би покажале дека неговата здравствена состојба го спречиле да остане во притвор.

30.  На 16 септември 2005 г. Тверскојскиот окружен суд го отфрлил новото барање за ослободување повторувајќи ја од збор дпо збор формулацијата на одлуката од 10 август 2005 г.

31. Во септември 2005 г. жалителот побарал од домашните судови да го ослободат на неколку денови за да го види татко му. Г-динот Јаап Линд побарал еутаназија која била закажана за 29 септември 2005 г. Холандскиот амбасадор го поддржал неговото барање.

32. На 27 септември 2005 г. Тверскојскиот окружен суд од Москва одбил да го ослободи жалителот. Тој одлучил дека со оглед дека жалителот бил холандски државјанин тој можел да избега или да ја попречи постапката.

33. На 28 септември 2005 г. на жалителот му било дозволено по телефон да поразговара со татко му но само на руски јазик. Холандската амбасада платила за повикот. Разговорот бил прекинат од управата на установата една минута подоцна.

34. На 29 септември 2005 г. г-динот Јаап Линд починал со еутаназија.

35. На 27 октомври 2005 г. Московскиот градски суд ја потврдил одлуката од 27 септември 2005 г. по жалбата. Тој одлучил дека информациите за влошувањето на здравствената состојба на татко му и барањето на холандскиот амбасадор да се ослободи жалителот биле земени во предвид. Меѓутоа, одбивањето да се ослободи жалителот било оправдано, со оглед на тежината на обвинението против него. Судот одлучил дека жалителот живеел во Русија од 1989 г., го посетувал татко му не повеќе од еднаш годишно и главно комуницирал со него по пошта или телефон. Му била дадена шанса да разговара со татко му по телефон. Тој понатаму сметал дека здравствената состојба на жалителот била задоволувачка, затоа немало причина да ја измени превентивната мерка.

36. Во октомври 2005 г. жалителот поднел ново барање за ослободување. Тој се изјаснил дека татко му починал и сакал да присуствува на церемонијата на збогување. Жалителот гарантирал дека немал намера да избега и упатил на фактот дека не бил осудуван како и на позитивните препораки. Холандскиот амбасадор по трет пат побарал од судот привремено да го ослободи жалителот за да може да присуствува на церемонијата на збогување.

37. На 3 октомври 2005 г. Тверскојскиот окружен суд го одбил барањето. Тој упатил на тежината на обвинението и холандското државјанство на жалителот поради што претставувала причина да се верува дека тој можел да избега.

38. Жалителот се жалел. Тој повторно побарал судот да го ослободи за да може да присуствува на церемонијата на збогување со татко му. Тој исто така тврдел дека страдал од хронично заболување на бубрезите и дека му бил потребен постојан медицински надзор и лечење. Тој се жалел дека неговите барања до лекарот во установата за притвор останале без одговор и дека не добил никаков третман за неговата болест.

39. На 27 октомври 2005 г. Московскиот градски суд ја потврдил одлуката по жалбата. Тој утврдил дека таткото на жалителот го донирал своето тело на науката и затоа немало да има погреб. Церемонијата за збогување била закажана за 30 октомври 2005г. во Хаг. Земајќи ја во предвид сериозноста на обвиненијата и претходните ретки контакти на жалителот со својот татко, немало потреба да се ослободи.

40. На 8 декември 2005 г. Тверскојскиот окружен суд го осудил жалителот за учество во масовни нереди и го осудила на три години казна затвор со две години условно ослободување. Жалителот бил ослободен веднаш.

В. Условите во притворот

41. Жалителот бил држен во установата за притвор бр. ИЗ-77/2 во Москва.

42. Според една потврда од 23 ноември 2005 г. издадена од управата на установата, а обезбедена од Владата, од 16 до 17 декември 2004 г. и од 9 до 10 февруари 2005 г. жалителот бил чуван во ќелијата бр. 511. Ќелијата имала 9,7 м2, била опремена со пет кревети на кат и во неа биле сместени тројца или четворица затвореници. Ќелијата бр. 100 – каде жалителот бил држен од 17 декември 2004 г. до 9 февруари 2005 г. и од 10 февруари до 29 април 2005 г. – имала 54,7 м2, со дваесет и два кревети на кат и во просек таму биле сместени дваесет затвореници. Од 29 април до 8 декември 2005 г. жалителот бил притворен во ќелијата бр. 13 која имала 8,4 м2, со четири кревети на кат во која во просек биле сместени четворица затвореници. Владата се изјасни дека жалителот цело време имал посебен кревет и добил постелнина.

43. Владата тврдеше дека ќелиите биле природно осветлени преку прозорците и исто така биле опремени со флуоресцентни ламби кои функционирале и дење и ноќе. На 12 јули и 18 октомври 2005 г. ќелиите бр. 2, 85, 101, 121, 159, 144, 148, 160, 163 и 236 биле проверени од санитарен референт кој утврдил дека санитарните услови биле задоволителни. Не биле пронајдени никакво траги од инсекти или глодачи. Потпирајќи се на потврдата од 12 ноември 2005 г. од управата на установата, Владата понатаму се изјасни дека сите ќелии биле опремени со мијалник. Тој бил одвоен од делот за престој со ѕидана преграда од 1,3 или 2,5 метри во висина.

44. Владата потврди дека затворениците добивале храна три пати на ден. Тие имале еден час прошетка дневно. Во установата за притвор имало медицински оддел кој работел дваесет и четири часа и ја имал целата неопходна опрема за медицинска помош од висок стандард. Меѓутоа, жалителот никогаш не побарал медицинска помош.

45. Жалителот не ги оспорил димензиите на ќелиите, бројот на кревети и бројот на затвореници по ќелија. Меѓутоа тој не се согласувал со описот на Владата на санитарните услови. Ќелиите биле преплавени со лебарки, штурци и вошки. Немало никаква вентилација и било задушливо и зачадено внатре. Преградата со која бил одвоен тоалетот од просторот за престој не нудел доволно приватност и сè се гледало кога едно лице кое го користело тоалетот. Вештачкото осветлување никогаш не се гасело што му пречело на жалителот кога спиел. Жалителот потврдил дека секој ден биле организирани прошетки во времетраење од еден час. Меѓутоа, дворот за вежбање бил покриен и едвај имал 15 м2. Храната била скудна. На затворениците им било дозволено да се тушираат по десет минути еднаш неделно.

46. Жалителот страдал од хронична гломерулонефритис (бубрежно заболување) и му била потребен постојан медицински надзор и лечење. Не бил лекуван. На 18 и 25 јули 2005 г. тој се жалел на болки во бубрегот и побарал од лекарот во установата да го прегледа и да му препише лекарства. Неговото барање останало неодговорено.

II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО

1. Превентивни мерки во кривични постапка

47.  Од 1 јули 2002 г. кривично-правните прашања се уредени со Законот за кривична постапка на Руската Федерација (Законот бр. 174-ФЗ од 18 декември 2001 г.).

48. „Превентивните мерки“ или „мерките за ограничување“ (меры пресечения) вклучуваат мерки на ненапуштање на градот или регионот, лична гаранција, кауција или притвор (член 98). Доколку е потребно од осомничениот или обвинетиот може да се побара да даде ветување дека ќе се појави (обязательство о явке) (член 112) на суд.

49. Кога се одлучува за превентивната мерка, надлежниот орган е обврзан да провери дали имало „доволен основ да се верува“ дека обвинетиот би избегал во текот на истрагата или судењето, ќе го повтори делото или попречи утврдувањето на вистината (член 97). Исто така мора да се земе во предвид тежината на обвинението, информациите за карактерот на обвинетиот, неговата или нејзината професија, возраста, здравствената состојба, семејниот статус и други околности (член 99).

50. Судот може да изрече мерка притвор доколку обвинението повлекува казна затвор од најмалку две години, под услов да не може да се примени помалку рестриктивната превентивна мерка (членот 108 § 1).

51. По апсењето осомничениот се притвора „во текот на истрагата“. Периодот на притвор во текот на истрагата може да биде продолжен после шест месеци само доколку притвореникот е обвинет за тешко или особено тешко кривично дело. Не е можно продолжување по истекувањето на осумнаесет месеци (член 109 §§ 1-3). Периодот на притвор „во текот на истрагата“ се пресметува до денот кога обвинителот ќе го испрати случајот до судечкиот суд (член 109 § 9).

52. Од датумот кога обвинителот ќе го испрати случајот до судечкиот суд, притворот на обвинетиот е „пред судот“ (или „во текот на судењето“). Притвор „во текот на судењето“ се пресметува до денот на изрекување на пресудата. Вообичаено не може да надмине шест месеци, но доколку случајот се однесува на тешки или особено тешки кривични дела, надлежниот суд може да одобри едно или повеќе продолжувања не подолги од три месеци секое (член 255 §§ 2 и 3).

2. Патни исправи

53.  Секој руски државјанин мора да покаже патна исправа за да ја помине руската граница (член 7 од Законот за постапка за влез и излез од Руската Федерација, бр. 114-ФЗ од 15 август 1996 г.). Патната исправа на обвинетиот може да биде одземана од суд, обвинител или полицаец до завршувањето на кривичната постапка (членовите 6.1 § 3 и 6.7 од Упатството за издавање на патни исправи одобрено со Налог на Министерството за внатрешни работи, бр. 310 од 26 мај 1997 г.).

ПРАВОТО

I.  НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА

54.  Жалителот се жалеше дека условите на неговиот притвор во установата за притвор бр. ИЗ-77/2 биле спротивни на членот 3 од Конвенцијата, кој го вели следново:

„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“

А. Допуштеност

55. Судот забележува дека оваа жалба не е очигледно погрешно засновано во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата. Тој понатаму забележува дека не е недопуштена по ниеден друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.

Б. Основаност

1. Изјаснување на странките

56. Жалителот тврдеше дека ќелиите биле пренатрупани; затворениците имале на располагање помалку од 3 м2 личен простор.  Жалителот го оспорил описот на Владата на санитарните услови како фактички неточни. Санитарните извештаи обезбедени од Владата се однесувале на ќелии во кои жалителот никогаш не престојувал. Ќелиите на жалителот биле задушливи и преполни со паразити. Тоалетните услови не нуделе никаква приватност. Вештачкото осветлување никогаш не било гасено, поради што жалителот имал проблеми со спиењето а придонесувало и за влошување на неговиот вид. Не добивал лекарства за своето бубрежно заболување и покрај бројните барања.

57. Владата се изјасни дека условите на притворот на жалителот биле задоволувачки. Тој имал свој кревет и постелнина цело време, а санитарните и хигиенските норми биле исполнети. Можел секојдневно да вежба. Жалителот никогаш не побарал медицинска помош. Доколку побарал ќе добиел медицински третман. Сè на сè условите на притворот на жалителот биле компатибилни со членот 3.

2. Оценка на Судот

58. Странките оспорија одредени аспекти од условите на притворот на жалителот во установата бр. ИЗ-77/2 во Москва. Меѓутоа, нема никаква потреба Судот да ја утврди вистинитоста на секое тврдење, бидејќи утврдува повреда на членот 3 врз основа на факти кои биле претставени или се неоспорени од тужената Влада, заради следниве причини.

59. Странките се согласија во врска со димензиите на ќелијата и бројот на затвореници во ќелиите. Во ќелиите бр. 100 и 511 каде жалителот бил држен до крајот на април 2005 г., затворениците имале помалку од 3 м2 личен простор. Во ќелијата бр. 13 каде жалителот останал до неговото ослободување во декември 2005 г. тој имал 2,1 м2 на личен простор. Жалителот бил затворен во својата ќелија дење-ноќе освен за време на тој еден час дневно за вежбање надвор.

60. Судот честопати има утврдувано повреда на членот 3 од Конвенцијата на сметка на недостаток на личен простор кој им бил на располагање на притворениците (види Mamedova v. Russia, no. 7064/05, §§ 61 et seq., 1 June 2006; Khudoyorov v. Russia, no. 6847/02, §§ 104 et seq., ECHR 2005X (extracts); Labzov v. Russia, no. 62208/00, §§ 44 et seq., 16 June 2005; Novoselov v. Russia, no. 66460/01, §§ 41 et seq., 2 June 2005; Mayzit v. Russia, no. 63378/00, §§ 39 et seq., 20 January 2005; Kalashnikov v. Russia, no. 47095/99, §§ 97 et seq., ECHR 2002VI; Peers v. Greece, no. 28524/95, §§ 69 et seq., ECHR 2001III).

61. Земајќи ја во предвид својата судска пракса во однос на ова прашање и материјалот поднесен од странките, Судот забележува дека Владата нема посочено никакви факти или аргументи кои можат да го убедат да усвои поинаков заклучок во овој случај. Дека жалителот бил присилен да живее, спие и да користи тоалет во иста ќелија со многу други затвореници само по себе било доволно за да предизвика проблеми или тешкотии од интензитет кој го надминува неизбежното ниво на страдање што произлегува од притворот, и да го доведе во ситуација во која ќе чувствува страв, болка и инфериорност кои можат да го понижат и омаловажат.

62. Судот понатаму забележува дека жалителот страдал од хронично бубрежно заболување. Тоа произлегува од документите поднесени од жалителот кој барем во две прилики се жалел на болки во бубрезите и побарал лекарски преглед (види во параграф 46 горе). Меѓутоа, лекарот од установата не го прегледал. Не бил лекуван за неговата болест.

63. Судот забележува дека со тоа што жалителот бил држен во пренатрупана ќелија и со тоа што не му била дадена лекарска помош каква што му требала за неговата состојба, домашните власти го подложиле на нехумано и понижувачко постапување. Затоа имало повреда на членот 3 од Конвенцијата врз основа условите на притворот на жалителот во установата бр. ИЗ-77/2.

II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 5 ОД КОНВЕНЦИЈАТА

64. Жалителот се жалеше согласно членот 5 § 1 (в) од Конвенцијата дека немало основ за неговото притворање и дека домашните судови не ги зеле во предвид соодветно аргументите на одбраната. Согласно членот 5 § 3 тој се жалеше на повреда на неговото право на судење во разумен рок и тврдеше дека налозите за притвор не биле засновани на доволно причини.

Релевантните делови од членот 5 го велат следново:

„1. Секој човек има право на слобода и на безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен во следниве случаи и во согласност со постапка уредена со закон:

...

 (в) ако е уапсен или притворен поради приведување пред надлежна судска власт, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на кривичното дело да избега;

...

3. Секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1(в) од овој член под итно ќе биде изнесено пред судија или друго лице овластено со закон за извршување на судска надлежност и ќе има право на судење во разумен рок или да биде пуштено на слобода додека го чека судењето...“ Пуштањето може да се услови со давање гаранција дека лицето ќе се појави на судењето...“

А. Допуштеност

65. Што се однесува до жалбата на жалителот дека неговиот притвор бил незаконски, Судот забележува дека на 16 декември 2004 г. Хамовническиот окружен суд од Москва издал налог за притвор на жалителот заради тежината на обвиненијата против него. Притворот на жалителот бил последователно продолжен во неколку прилики од домашните судови.

66. Домашните судови дејствувале во рамките на своите надлежности при носењето на тие одлуки и нема ништо што би можело да сугерира дека истите биле неважечки или незаконски согласно домашното право. Прашањето дали причините за одлуките биле доволни и релевантни е анализирано долу во врска со прашањето на придржувањето кон членот 5 § 3 (спореди Худојоров, цитиран горе, §§ 152 и 153).

67. Судот одлучи дека притворот на жалителот бил компатибилен со условите од членот 5 § 1 од Конвенцијата. Следи дека оваа жалба мора да се одбие како очигледно лошо заснована согласно членот 35 §§ 3 и 4 од Конвенцијата.

68. Што се однесува до жалбата на жалителот за повреда на неговото право на судење во разумен рок или на ослободување во исчекување на судење, Судот смета дека тоа не е очигледно погрешно засновано во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата. Тој понатаму забележува дека не е недопуштена по ниеден друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.

Б. Основаност

1. Изјаснување на странките

69. Жалителот сметаше дека домашните судови не понудиле „релевантни и доволни“ причини за да го држат во притвор речиси една година. Тој имал позитивни препораки, не бил осудуван, страдал од сериозно заболување и му бил потребен постојан медицински надзор и лекување, а неговиот татко умирал од рак во Холандија. Тој понудил да плати кауција, а неговиот адвокат доставил до надлежниот суд лична гаранција од истакнат руски активист за човекови права. Меѓутоа, домашните власти продолжиле да го продолжуваат неговиот притвор без да покажат постоење на конкретни факти во поддршка на нивниот заклучок дека тој можел да избега, да ја попречи истрагата или да го повтори делото. Тие го префрлиле товарот на докажување на жалителот да покаже дека таков ризик не постоел и дека тој безбедно можел да биде ослободен. Исто така во повеќе прилики надлежниот суд издал колективни налози за притвор, продолжувајќи го притворот на сите триесет и девет обвинети без соодветно да се земат во предвид неговите поединечни околности. Жалителот исто така изнел дека Судот веќе утврдил повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата во друга жалба поднесена од со-обвинет на жалителот (види Dolgova v. Russia, no. 11886/05, 2 March 2006).

70. Владата се изјасни дека одлуките за притворот на жалителот биле законски и оправдани. Владата ги повтори причините изнесени од домашните судови и тврдела дека налозите за притвор биле засновани исклучиво на тежината на обвиненијата. Домашните судови ја оценувале можноста за бегство на жалителот со тоа што упатувале на неговиот карактер и холандско државјанство. Исто така кривичната постапка вклучувала триесет и девет обвинети и била сложена. Надлежниот суд одржал повеќе од четириесет расправи. Адвокатот на обвинетите не успеал да се појави на одредени расправи и со тоа ја успорил постапката. Ослободувањето на жалителот и неговото бегство би значеле дополнителни одлагања. Владата сметала дека немало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата бидејќи притворот на жалителот бил заснован на „релевантни и доволни“ причини.

2. Оценка на Судот

(а) Општи принципи

71. Судот потврдува дека континуираното постоење на разумен сомнеж дека лицето што е уапсени го сторило делото е услов sine qua non за законитоста на континуираниот притвор. Но после одреден временски период повеќе не доволен. Во такви случаи Судот мора да утврди дали другите основи посочени од судските власти и понатаму го оправдуваат лишувањето од слобода. Кога таквиот основ е „релевантен“ и „доволен“ Судот мора исто така да дознае дали надлежните национални власти покажале „посебна внимателност“ во спроведувањето на постапката (види кај Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, §§ 152 and 153, ECHR 2000-IV).

72. Пресумпцијата е наклонета кон ослободувањето. Како што судот постојано одлучува, вториот дел од членот 5 § 3 не им дава на судските власти избор меѓу изнесување на обвинетиот пред суд во разумен рок или да му се дозволи привремено ослободување додека се чека на судењето. До неговото осудувањето обвинетиот мора да се смета за невин, и целта на одредбата што се разгледува во основа бара негово привремено ослободување откако неговиот континуиран притвор ќе престане да биде разумен. Едно лице обвинето за кривично дело секогаш мора да биде ослободено додека го чека судењето освен ако државата не може да покаже дека постојат „релевантни и доволни“ причини за оправдување на континуираниот притвор (види, меѓу другите извори, Castravet v. Moldova, no. 23393/05, §§ 30 and 32, 13 March 2007; McKay v. the United Kingdom [GC], no. 543/03, § 41, ECHR 2006...; Jabłoński v. Poland, no. 33492/96, § 83, 21 December 2000; and Neumeister v. Austria, judgment of 27 June 1968, Series A no. 8, § 4).

73. Задолжително е за домашните власти да го утврдат постоењето на конкретни факти кои се релевантни за основата за континуиран притвор. Префрлањето на товарот на докажување на притвореното лице по такви прашања е еднакво на отфрлање на правилото од членот 5 од Конвенцијата, одредба според која притворот е отстапување од правото на слобода во исклучителни околности и како таков е дозволен во исцрпно набројани и строго дефинирани случаи (види Rokhlina v. Russia, no. 54071/00, § 67, 7 April 2005; and Ilijkov v. Bulgaria, no. 33977/96, §§ 84-85, 26 July 2001). Националните судови мораат да ги испитаат сите факти во прилог или против постоењето на вистински услов за оправдување на јавен интерес, со вистинско почитување на принципот на пресумпцијата на невиност, напуштање на правилото за почитување на слободата на поединецот и да ги вградат во своите одлуки со кои се отфрлаат жалбите за ослободување. Не е задача на судот да утврдува такви факти и да го земе местото на националните власти кои одлучувале за притворот на жалителот. Од суштинска важност е врз основа на причините дадени во одлуките на домашните судови и на точните факти споменати од жалителот во своите жалби, дека Судот се повикува да одлучи дали имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата или не (види Korchuganova v. Russia, no. 75039/01, § 72, 8 June 2006; Илијков, цитиран горе, § 86; и Лабита, цитиран горе, § 152).

(б) Примена во актуелниот случај

74. Жалителот бил притворен на 14 декември 2004 г. На 8 декември 2005 г. надлежниот суд го осудил за кривично дело, условно го ослободил и веднаш го пуштил на слобода. Периодот што треба да се земе во предвид траел речиси дванаесет месеци.

75. Судот забележува дека жалителот би уапсен во просториите во кои оспорените дела наводно биле извршени. Тој затоа прифаќа дека неговиот притвор можеби на почетокот бил оправдан од разумен сомнеж за неговата инволвираност во извршување на тие дела. Останува да се потврди дали судските власти дале „релевантни“ и „доволни“ основи за да се оправда континуираниот притвор на жалителот и дали тие покажале „посебна внимателност“ во спроведувањето на постапките.

76. Иако се чекало на истрагата, домашните судови постојано се потпирале на тежината на обвиненијата како главен фактор за проценка на потенцијалот на жалителот да избега, да го повтори делото или да го попречи текот на правдата. Тие не покажале постоење на конкретни факти во поддршка на нивните заклучоци.

77. Судот постојано одлучува дека иако тежината на казната со која се соочува лицето е релевантен елемент во проценката на ризикот од бегство или повторување на делото, потребата да се продолжи со лишувањето од слобода не може да се оцени од чисто апстрактна гледна точка земајќи ја во предвид тежината на делото. Ниту пак продолжувањето на притворот може да антиципира затворска казна (види Letellier v. France, judgment of 26 June 1991, Series A no. 207, § 51; исто така види Panchenko v. Russia, no. 45100/98, § 102, 8 February 2005; Goral v. Poland, no. 38654/97, § 68, 30 October 2003; и Илијаков, цитиран горе, § 81).

78. Ова особено важи во случаи, како овој сега, каде карактеризацијата на фактите во законот – и на тој начин казната со која е соочен жалителот – била утврдена од обвинителството без судска проверка на прашањето дали собраните докази поддржувале разумен сомнеж дека жалителот го сторил препишаното дело. Навистина, првичното обвинение за насилно рушење на власта во државата, кое било особено сериозно кривично дело според домашната класификација било прифатено од Окружниот суд на 8 февруари 2005 г. без никаква истрага, иако подоцна било изменето со полесно обвинение за учество во масовни нереди. Сепак на 14 април 2005 г. истиот суд во налогот за продолжување се произнел дека така изменетото обвинение било „добро засновано“ без да наведе некакви причини за таквиот наод (спореди Долгова, цитиран горе, § 42).

79. Единствениот друг основ за притвор на жалителот во текот на истрагата беше наодот на домашните судови дека жалителот немал постојано жителство во Москва. Судот повторува дека чисто немање на постојано жителство не значи опасност од бегство (види Pshevecherskiy v. Russia, no. 28957/02, § 68, 24 May 2007; и Sulaoja v. Estonia, no. 55939/00, § 64, 15 February 2005). Во секој случај беше неспорно дека жалителот имал регулирано постојано жителство во Санкт Петербург и студирал на универзитетот таму.

80. Откако случајот бил поднесен за судење во јуни 2005 г. надлежниот суд ја искористил истата формула во образложението од одбивањето на молбите за ослободување за да го продолжи притворот на триесет и девет лица, без разлика на изречното барање на одбраната дека состојбата на секој притвореник треба да се разгледа поединечно. Судот веќе има утврдено дека праксата на издавање на колективни налози за притвор, без проценка на основите за притвор во секој случај поединечно за секој притвореник, не е компатибилно само по себе со членот 5 § 3 од Конвенцијата (види Shcheglyuk v. Russia, no. 7649/02, § 45, 14 December 2006; Корчуганова, цитиран горе, § 76; и Долгова, цитиран горе, § 49). Со продолжувањето на притворот на жалителот по пат на налози за колективен притвор властите не ги зеле соодветно во предвид поединечните околности. Уште повеќе паѓа во очи фактот дека во налогот за продолжување од 20 јуни 2005 г. е забележано само дека „сите обвинети треба да останат во притвор“ без да се даде каков било основ за нивниот континуиран притвор.

81. Во одлуките од 27 септември и 3 октомври 2005 г. во одбивањето на барањата за ослободување судовите за прв пат во постапката се потпирале на холандското државјанство на жалителот како причина да се верува дека тој би можел да избега. Судот прифаќа дека странското државјанство на жалителот би можело да биде релевантно во оценката на ризикот од бегство. Меѓутоа, опасноста обвинетиот да избега не произлегува исклучиво од фактот дека е можно или лесно за него да ја премине границата: мора да постои цела низа на околности како, на пример пред сè недостаток на добро воспоставени врски во земјата, што би претставувало причина да се претпостави дека последиците и опасностите од бегство нему би му се чинеле помалку лоши отколку континуиран затвор (види Stögmüller v. Austria, judgment of 10 November 1969, Series A no. 9, § 15). Домашните судови немаат споменато никакви слични околности во своите одлуки или да посочат некакви посебни аспекти на карактерот на жалителот или неговото однесување кои би го оправдале нивниот заклучок дека за жалителот постоел постојан ризик од бегство. Жалителот од друга страна постојано се повикувал на факти кои ги покажувале неговите блиски врски со Русија кои го намалувале ризикот од негово бегство како што било постојаното жителство и семејство во Русија и тековните студии на руски универзитет. Во секој случај жалителот, кој исто така бил и руски државјанин, можел да ја помине границата само со руски пасош (види во параграф 53 горе). Домашните власти не објасниле зошто повлекувањето на неговиот руски пасош, мерка која е експлицитно предвидена во домашното право заради намалување на ризикот од бегство, немала да биде доволна за да го спречи да избега во странство.

82. Судот понатаму забележува дека кога се одлучува дали едно лице треба да биде ослободено или притворено властите имаат обврска согласно членот 5 § 3 да разгледаат алтернативни мерки за обезбедување на негово или нејзино појавување на судењето. Оваа одредба на Конвенцијата го прогласува не само правото на „судење во разумен рок или ослободување во исчекување на судењето“ туку исто така поставува дека „ослободувањето може да биде условено со гаранции дека ќе се појави за судењето“ (види Сулаоја, цитиран горе, § 64 in fine, 15 February 2005; и Јаблонски, цитиран горе, § 83). Во овој случај властите никогаш не ја зеле во предвид можноста да се обезбеди присуството на жалителот со користење на помека превентивна мерка, иако многупати неговите адвокати побарале негово ослободување со кауција и на домашните судови им обезбедиле лична гаранција од активист за човекови права.

83. Судот честопати има утврдувано повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата во руски случаи кога домашните судови го пролонгираат притворот на жалителот потпирајќи се во основ на тежината на обвиненијата и користејќи стереотипна формула без да се осврнат на конкретни факти или да разгледаат превентивни мерки (види Belevitskiy v. Russia, no. 72967/01, §§ 99 et seq., 1 March 2007; Khudobin v. Russia, no. 59696/00, §§ 103 et seq., ECHR 2006... (extracts); Мамедова против Русија, цитиран горе, §§ 72 et seq.; Долгова против Русија, цитиран горе, §§ 38 et seq.; Худојоров против Русија, цитиран горе, §§ 172 et seq.; Рохлина против Русија, цитиран горе, §§ 63 et seq.; Панченко против Русија, цитиран горе, §§ 91 et seq.; и Smirnova v. Russia, nos. 46133/99 and 48183/99, §§ 56 et seq., ECHR 2003IX (extracts)).

84. Судот е свесен за фактот дека мнозинството од гореспоменатите случаи се однесуваат на подолги периоди на лишување од слобода и дека во тој контекст една година може да се смета за релативно кратко време поминато во притвор. Меѓутоа членот 5 § 3 од Конвенцијата не може да се смета дека одобрува притвор безусловно под услов истиот да не е подолг од одреден временски период. Оправдувањето за кој било период на притвор, без разлика колку и да е краток мора да биде убедливо демонстрирано од страна на властите (види Shishkov v. Bulgaria, no. 38822/97, § 66, ECHR 2003I (extracts)). И фактот дека максималното дозволено време во домашното право не било надминато не претставува одлучувачки елемент за проценката на судот. Пресметката на домашните временски рокови зависела исклучиво од тежината на обвиненијата (види во параграф 51 горе) за кои одлучувало обвинителството и не подложело на делотворно судско разгледување (види Шеглиук, цитиран горе, § 43).

85. Што се однесува до гореспоменатото, Судот смета дека со тоа што не се осврнале на конкретни факти или не разгледале алтернативни „превентивни мерки“, а потпирајќи се на тежината на обвиненијата како на главен основ, властите го пролонгирале притворот на жалителот по основ кој иако е „релевантен“ не може да се смета за „доволен“. Во вакви околности не е неопходно да се разгледува дали постапката била спроведена со „посебна внимателност“.

86.  Последователно, дошло до повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата.

III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА

87. Жалителот понатаму се жалеше дека не му било дозволено да се збогува со татко му кој умирал. Тој се жалеше на одбивањето да биде ослободен на неколку дена за да може да го види татко му пред да почине или да присуствува на церемонијата на збогување во Хаг. Тој се повика на членот 3 од Конвенцијата.

88.  Судот веќе има одлучувано дека одбивањето да се одобри посета на болен роднина не претставува максимално ниво на суровост за да потпадне во опсегот на членот 3 (види Sannino v. Italy (dec.), no. 72639/01, 3 May 2005). Во низа случаи тој има разгледано жалби за одбивање на барање на притвореник за дозвола да посети болен роднина или да присуствува на погреб на роднина согласно членот 8 од Конвенцијата (види Schemkamper v. France, no. 75833/01, §§ 19-36, 18 October 2005; Санино (одлука), цитиран горе; и Płoski v. Poland, no. 26761/95, §§ 26-39, 12 November 2002). Соодветно на тоа жалбата на жалителот на одбивањето да му се одобри посета на неговиот татко кој умирал и да присуствува на церемонијата на збогување треба да се разгледа согласно членот 8 од Конвенцијата кој уредува:

„1. Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.

2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, или економската благосостојба на земјата, спречување на нереди или кривично дело, заштитата на здравјето или моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.“

А. Допуштеност

89. Судот забележува дека оваа жалба не е очигледно погрешно засновано во рамките на значењето на членот 35 § 3 од Конвенцијата. Ниту е недопуштена по некој друг основ. Затоа мора да се прогласи за допуштена.

Б. Основаност

1. Изјаснување на странките

90. Владата се изјасни дека домашните судови го одбиле барањето на жалителот за привремено ослободување бидејќи бил обвинет за сериозни кривични дела и бил холандски државјанин. Тој можел да избега доколку бил ослободен. Исто така, Судот одлучил дека жалителот живеел во Русија од 1989 г., патувал во Холандија да го посети својот татко не повеќе од еднаш годишно и главно комуницирал со него по пошта или телефон. Му била дадена шанса да разговара со татко му по телефон. Таткото на жалителот го донирал своето тело на науката и затоа немало да има погреб. Оттука немало повреда на членот 8.

91. Жалителот тврдеше дека поднесоците на Владата биле неточни. Тој честопати престојувал кај својот татко по неколку месеци и бил близок со него. Нему му било многу важно да го види татко му пред да почине и да присуствува на неговата церемонија на збогување. Тој понудил гаранции дека немал да избега. Нему навистина му била дадена можност да разговара со својот татко по телефон, но разговорот траел само една минута. Бил присилен со татко му да зборува на руски јазик, а татко му бил Холанѓанин со слабо познавање на рускиот јазик.

2. Оценка на Судот

92.  Судот веќе има одлучено дека одбивањето да се одобри посета на болен роднина или да се присуствува на погреб на роднина претставувало попречување на правото на почитување на семејниот живот (види Шемкампер, цитиран горе, § 31; Санино (одлука), цитиран горе; и Плоски, цитиран горе, § 32). Соодветно на тоа, одбивањето да се ослободи жалителот за да може да го види татко му на умирање и да присуствува на церемонијата на збогување со него значело попречување на правото на жалителот согласно членот 8 од Конвенцијата. Судот повторува дека секое попречување на правото на поединецот да се почитува неговиот приватен и семеен живот ќе претставува повреда на членот 8, освен ако не било „во согласност со законот“, во остварување на легитимна цел или цели согласно ставот 2 и било „неопходно во едно демократско општество“ во смисла дека било сразмерно на целите кои се сакало да се остварат (види, меѓу другите извори, Elsholz v. Germany [GC], no. 25735/94, § 45, ECHR 2000-VIII).

93. Судот е задоволен дека попречувањето имало законска основа, имено членот 108 § 1 од Законот за кривична постапка кој предвидувал превентивната мерка на притвор за лице обвинето за кривично дело за кое се изрекува казна затвор од најмалку две години. Попречувањето исто така имало „легитимна цел“ во рамките на значењето на став 2 од членот 8 од Конвенцијата, заштита на јавната сигурност и спречување на неред или кривично дело (види Плоски, цитиран горе, § 34). Останува да се утврди дали било „неопходно во едно демократско општество“.

94. Членот 8 од Конвенцијата не му гарантира на едно притворено лице безусловно право да му се дозволи да посети болен роднина или да присуствува на погреб на роднина. Домашните власти се тие кои треба да го проценат секое барање во однос на неговата основаност. Надзорот на Судот е ограничен на разгледување на оспорените мерки во контекст на правата на жалителот што произлегуваат од Конвенцијата, земајќи го во предвид дискреционото право што им е оставена на државите потписнички (види, mutatis mutandis, Плоски, цитиран горе, § 38). Истовремено Судот нагласува дека дури и ако притвореникот заради самата природа на неговата состојба мора да биде подложен на различни ограничувања на неговите права и слободи, секое такво ограничување мора сепак да може да се оправда како неопходно во едно демократско општество. Обврска е на државата да покаже дека таквата потреба навистина постоела, односно, да покаже постоење на итна општествена потреба (види Шемкампер, цитиран горе, § 33).

95. Во случаите на Шемкампер, Санино и Плоски (сите цитирани горе) Судот ги зел во предвид следниве фактори за да процени дали одбивањето да се дозволи посета на болен роднина или да се присуствува на погреб на роднина биле „неопходни во едно демократско општество“: фазата од кривичната постапка против жалителот, природата на кривичното дело, карактерот на жалителот, тежината на болеста на роднината, степенот на блискоста, можноста за отсуство со придружба, итн. Оттука била утврдена повреда на членот 8 во случајот Плоски, каде жалителот, кој не бил осуден, а бил обвинет за ненасилно кривично дело и барал дозвола за да присуствува на погребите на своите родители кои починале во рок од еден месец, при што властите не дале убедливи причини за одбивањето и не ја разгледале можноста на ослободување со придружба. Спротивно на него, во случајот на Санино, одбивањето било оправдано затоа што жалителот бил осуден за убиство и бил со дубиозен карактер. Тој побарал дозвола за да го посети својот дедо кој не бил близок роднина и чија здравствена состојба не била навистина несигурна. Во најнеодамнешниот случај на Шемкампер, Судот исто така одлучил дека одбивањето било оправдано бидејќи таткото на жалителот не бил толку болен за да не може да дојде во посета на жалителот во затвор.

96. Ако се навратиме на актуелниов случај, Судот забележува дека таткото на жалителот умирал од рак во Хаг. Тој побарал еутаназија која била закажана за 29 септември 2005 г. Тоа е онаа специфична одлика во овој случај дека датумот на смртта на таткото на жалителот бил познат однапред и дека тој ќе починел во рок од неколку дена. Затоа тоа била последната шанса за жалителот да се види со татко му. Со оглед дека таткото на жалителот бил во болница во тешка состојба, нереално било да се очекува тој да го посети синот во притвор. Земајќи ги во предвид исклучителните околности на случајот и силните хуманитарни факти што постојат овде, домашните власти требале да го разгледаат барањето на жалителот за ослободување со посебно внимание.

97. Домашните власти го оправдале одбивањето на привременото ослободување на жалителот упатувајќи на неговото холандско државјанство и можност да избега. Судот не заборава на фактот дека таткото на жалителот бил во Хаг и дека за тој да се види со жалителот тој ќе требало да допатува во Холандија, со што би ја напуштил јуриздикцијата на Русија. Тој го разбира стравот на домашните власти дека жалителот можел да не се врати од странство. Тој забележува во врска со ова дека руските власти имале можност да побараат помош од холандските власти. Руските власти не ја зеле во предвид примената на таквата помош и покрај фактот дека холандскиот амбасадор стапил во контакт со нив најмалку три пати за да побара ослободување на жалителот (види во параграфите 27, 31 и 36 горе). Сепак со оглед дека домашните власти подобро можат да го оценат прашањето отколку Европскиот суд, Судот не може да одлучи дека со тоа што одбиле да го ослободат жалителот за да го посети својот татко кој умирал во Хаг или да присуствува на церемонијата на збогување, домашните власти ја протегнале маргината на дискреција која им е дадена.

98. Почитувањето на семејниот живот на жалителот сепак барало веднаш штом неговото барање за ослободување било одбиено, да му се даде алтернативна можност за да се збогува со својот татко кој умирал. Во овој контекст Судот дава забелешка во однос на тоа дека на жалителот му било дозволено да поразговара со својот татко по телефон, само на руски. Разговорот траел една минута и бил прекинат од управата на установата. Владата не понудила никакво објаснување за прекинот на разговорот. Судот смета дека разговор во времетраење од една минута на јазик кој таткото на жалителот му било тешко да се разбере не претставувал вистинска можност за жалителот да се збогува со својот татко кој умирал. Не му била обезбедена никаква друга шанса за контакт со татко му.

99. Земајќи го во предвид претходното, Судот заклучува дека домашните власти не успеале да обезбедат почитување на семејниот живот на жалителот во согласност со барањата од членот 8 од Конвенцијата. Затоа има повреда на таа одредба.

IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА

100.  Членот 41 од Конвенцијата уредува:

„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“

А. Штета

101.  Жалителот побаруваше 1.000.000 евра („ЕУР“) за надоместок на нематеријална штета.

102. Владата се изјасни дека побарувањето било претерано. Отштетата не требала да го надмине износот доделен од Судот во случајот на Калашников (види Kalashnikov v. Russia, no. 47095/99, ECHR 2002VI).

103. Судот забележува дека утврдил комбинација на тешки повреди во овој случај. Жалителот поминал цела година во притвор во нечовечни и понижувачки услови. Неговиот притвор не бил заснован на доволни основи. Не му било дозволено да се збогува со својот татко кој умирал со што му било повредено неговото право на почитување на семејниот живот. Во вакви околности, Судот смета дека страдањата и фрустрацијата на жалителот не можеле да бидат надоместени со чист наод на повреда. Правејќи проценка на правичната основа, Судот му доделува на жалителот 15.000 евра за нематеријална штета, плус секој данок што би можел да се наплати на тој износ.

Б. Трошоци и издатоци

104. Жалителот не побаруваше за трошоци и издатоци. Соодветно на тоа нема потреба да се додели во овој дел.

В. Казнена камата

105.  Судот смета дека е соодветно казнената камата да се заснова на маргиналната стапка на позајмување на Европската Централна Банка на што треба да се додадат три процентни поени.

ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО

1. Ги прогласува жалбите во врска со нечовечните услови и претераното времетраење на притворот на жалителот и одбивањето да му се дозволи да го посети својот татко кој умирал и да присуствува на церемонијата на збогување за допуштени, а остатокот од жалбата за недопуштена;

 

2. Одлучи дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата;

 

3. Одлучи дека имало повреда на членот 5 § 3 од Конвенцијата;

 

4. Одлучи дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата;

 

5. Одлучи

(а) дека тужената Држава треба да му плати на жалителот, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата, 15.000 евра (петнаесет илјади евра) за нематеријална штета, конвертирани во руски рубљи според курсот кој ќе важи на датумот на исплатата плус секој данок кој можеби се наплаќа;

(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата проста камата ќе се плаќа на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската Централна Банка во текот на казнениот период плус три процентни поени;

 

6. Ги отфрла останатите побарувања на жалителот за правичен надоместок.

Изготвено на англиски јазик, и доставено на писмено на 6 декември 2007 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.

 Сорен Нилсен Христос Розакис
 Секретар  Претседател

Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, мислењето на согласување на г-динот А. Ковлер е приложено со оваа пресуда.

Х.Л.Р.

С.Н.

 

Издвоеното мислење не е преведено, но тоа е дел од официјалните верзии на пресудата на англиски јазик и француски јазик кои може да се најдат во датабазата на судската пракса на Судот - HUDOC.

 

© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012.

Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (www.coe.int/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права (http://hudoc.echr.coe.int) или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги [email protected].

 

© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.

The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights (http://hudoc.echr.coe.int) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact [email protected].

 

© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.

Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (www.coe.int/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (http://hudoc.echr.coe.int), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : [email protected].